Тотенхем на готовс – Еспирито Санто го напушта Вулверхемптон

Португалецот Нуно Еспирито Санто од следната сезона нема да ги предводи „волците“ откако искустниот стратег и Вулверхемптон денеска и официјално потврдија крај на соработката и покрај тоа што договорот истекуваше на крајот на 2023 година.

Еспирито Санто во првата сезона на чело на клубот избори место во Премиерлигата, а откако во претходните две сезони го предводеше Вулверхемптон до седмото место на табелата, оваа ќе ја заврши како 12. пласиран. Добрите резултати кои ги постигна португалскиот стратег се повод во медиумите на „Островот“ да го сместат во редовите на Тотенхем следната сезона.

Последниот натпревар на клупата на Вулверхемптон за Португалецот ќе биде оваа недела кога неговиот тим ќе си ги одмери силите со Манчестер Јунајтед, а како што вели Санто, тоа ќе биде посебен ден.

„Уште од првиот ден кога дојдов во Комптон амбицијата беше да направам позитивна промена и да го доведам овој клуб чекор понапред. Горд сум на тоа што го правевме секој ден. Ги остваривме целите, заеднички и со страст. Недела ќе биде емотивен ден, но среќен сум што навивачите ќе се вратат на Молиноу и ќе поделиме уште еден, последен и посебен момент заедно“, изјави Еспирито Санто.

Се вчитува...