ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Три дена одмор е најдолгата пауза што нашите ракометари некогаш ја имале меѓу две средби од групната фаза на големите натпреварувања. Овој период беше искористен за одмор, но и за анализа на наредниот противник – домашната селекција на Германија со која избраниците на Кире Лазаров ќе излезат на мегдан вечерва во 20.30 часот во „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин.
Јасно е дека домаќинот ќе ја има фаворитската улога, поради поддршката од публиката, но и реалниот квалитет и моментната форма. За потсетување, Македонија во својот прв меч на овој европски шампионат загуби од Франција со 29-39, додека Германците со феноменална одбрана ја демолираа Швајцарија со убедливи 27-14.
И традицијата е на страната на Германија, ако се знае дека имаме одиграно пет средби со овој ривал на големите натпреварувања, притоа бележејќи четири победи и едно реми.
Првиот дуел беше одигран на мундијалот во Египет на 3 јуни 1999 година, кога Германците славеа со 36-25. На следен дуел се чекаше десет години, Македонија и Германија се сретнаа на СП во Вараждин, Хрватска во 2009 година, и поворно двоцифрено славеше германскиот национален состав (23-33), иако по првото полувреме Македонија имаше минимално водство од 14-13.
Првиот меч на европските првенства со денешниот ривал го одигравме во 2012 година во Ниш, кога по огромна битка загубивме со минимални 23-24. Следеше пресметката во осминафиналето од СП во Шпанија во 2013, кога Германија триумфираше со 23-28, а последниот меѓусебен меч беше на ЕП 2018 во Загреб. Тоа беше одличен меч што заврши без победник, 25-25, дуел на кој дури имавме и напад за победа што не го реализиравме. Филип Талески беше прв стрелец на МАкедонија на тој меч со шест погодоци, од сегашните играчи три постигна Пешевски, а два Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА