Јапонскиот велосипедист Тошиаки Фушими, освојувач на сребрен медал на Олимписките игри во Атина во 2004 година, почина на 50-годишна возраст, како последица на тешки повреди здобиени за време на трка во градот Мацусака.
Фушими се натпреваруваше во дисциплината кеирин, исклучително брза и физички напорна трка што потекнува од Јапонија. Во оваа дисциплина, контактот меѓу возачите не е невообичаен, а тешките несреќи се случуваат релативно често.
Искусниот Јапонец, кој и покрај годините сè уште активно настапуваше, доживеа фатален пад по судир со неколку натпреварувачи. Во таа прилика, тој доби фрактура на цервикалниот ‘рбет и черепот. Тој беше однесен во болница, но им подлегна на повредите еден ден по несреќата.
Фушими беше еден од најголемите јапонски велосипедисти на својата генерација. Својата професионална кариера ја започна во 1995 година, оствари дури 619 победи и учествуваше во вкупно 2.423 трки.
Особено е трогателно што само два дена пред трагедијата, тој триумфираше во Мацусака, каде што славеше со импресивен соло напад.
На Олимписките игри во Атина во 2004 година, тој го освои сребрениот медал во екипниот спринт на велодромот, со што ја испиша една од најсветлите страници на јапонскиот велосипедизам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
