Трајковски: Убаво е што повторно играме ракомет, очекувајте уште подобар Пелистер

Пелистер забележа пораз во деби настапот во Лигата на Европа сезонава на гостувањето во Данска кај ГОГ Гудме со 30-29. Одлична партија на голот на битолчани имаше Благојче Трајковски кој натпреварот го заврши со 11 интервенции. Голманот на Пелистер вели дека и покрај минималниот пораз е среќен бидејќи по осум месеци конечно играат ракомет и тоа пред публика.

„По осум месеци повторно играме ракомет. За наша среќа и задоволство игравме европски ракомет. Убаво е чувството да се игра пред публика и се надевам дека ќе се игра ракомет и во следниот период. Кога ги добивме противниците се виде дека ќе биде израмнета група. Покажавме дека можеме да играме со сите екипи и дека Пелистер нема да биде аутсајдер во ниту еден меч. Скандинавците и кога губат и кога водат играат ист ракомет. Трчаат напад одбрана и не отстапуваат од концептот. Ние пробавме да ги успориме, но на крај не успеавме. Имавме два шута еден за победа еден за нерешено не погодивме и можам да кажам дека последните три минути беа клучни во мечот. Имаме многу нови ракометари и нов концепт на игра. Се чувствуваме добро и играме добро и на терен живееме еден за друг“, изјави Трајковски. 

Пелистер во следното коло на 17. ноември на домашен терен ќе го пречека швајцарскиот Кадетен Шафхаузен.

Се вчитува...