„Трансфер-бомба“ во најава: Охрид преговара со Филип Талески

Филип Талески би можел на крајот од оваа натпреварувачка сезона да се врати назад во македонскиот ракомет, и тоа како член на Охрид. Најдобриот специјализиран ракометен портал, G-Sport, утрово објави дека „бомбардерот“ веќе имал разговори со раководството на Охрид, при што и кај двете страни постои расположение за овој трансфер да биде реализиран.

Охриѓани во последните години инвестираат сериозни пари во градење на квалитетен тим што би се приближил до врвот на табелата. Сезонава тоа не им успеа откако ги загубија дерби дуелите со Алкалоид, Вардар и Е. Пелистер, но „сино-белите“ не се откажуваат, напротив планираат да создадат уште посилен тим за наредната сезона.

Талески имаше одлични сезони во дресот на Вардар откако се врати по авантурата во Бундес-лигата. Тој во меѓувреме се пресели во Бенфика, но не ја добива посакуваната улога во таборот на португалскиот гигант. Договорот со Бенфика истекува на крајот од сезонава, Талески ги разгледува опциите за продолжување на кариерата, а една од најконкретните понуди е токму онаа од Охрид.

Oстанува да се види дали трансферoт на Талески ќе се реализира, а доколку тоа се случи нема сомнеж дека левиот бек ќе биде големо засилување за охриѓани за наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...