Тренчовски е хит во Словенија, раскина со Радомље, чека нов клуб

Македонскиот стратег Југослав Тренчовски ги собра симпатиите во фудбалската јавност на Словенија откако го предводеше тимот на Радомље до шестото место на табелата.

Пласманот сам по себе не кажува премногу, но мора да се истакне дека Радомље пред сезонава беше најавуван како главен кандидат за испаѓање, но нашиот стручњак не само што бележеше добри резултати, туку до нив дојде со атрактивен напаѓачки фудбал.

До Тренчовски во изминатите месеци пристигнаа неколку интересни понуди од Словенија, но и од регионот, струмичкиот стратег реши да го испочитува Радомље до крај, во последното коло ја совлада Мура со 3-2, по што денеска и официјално се раздели од својот довчерашен клуб.

„По една од најуспешните сезони во клупската историја, се збогуваме од нашиот тренер Југослав Тренчовски и од неговиот стручен штаб. Под негово водство нашиот тим играше модерен напаѓачки фудбал, но и перфектно ја спроведуваше визијата, со млади домашни играчи во првиот тим да се стигне до добри резултати. Причина за разделбата е интересот за нашиот тренер што го пројавија поголеми клубови, но ние од срце сме му благодарни на Тренчовски и му посакуваме многу среќа во натамошната кариера. Веруваме дека патиштата наскоро повторно ќе ни се спојат“, се вели во соопштението на Радомље.

Се вчитува...