Тренчовски: Одигравме одличен натпревар во Тетово

Академија Пандев е нов лидер на табелата во Првата лига, откако вчера во Тетово успеа да го совлада актуелниот првак Шкендија, со голот на Марио Маслаќ во 45.минута од мечот. Беспрекорни во одбраната, тркачки максимално подготвени, фудбалерите на Академија Пандев потполно го неутрализираа фаворитот, а ја искористија невнимателноста на домашниот тим и по прекин на игра стигнаа до погодокот за триумф.

Тренерот Југослав Тренчовски е задоволен од изданието на тимот и пред се од исполнувањето на тактичките замисли на теренот.

„Одигравме одличен натпревар, бевме тркачки на високо ниво, париравме во секој поглед, а успеавме и да постигнеме победнички погодок. Мора да бидеме задоволни кога ќе го совладаме шампионот на гости. Се надевам дека во ваков стил ќе продолжиме и во продолжението од шампионатот, веќе в среда имаме нов предизвик“, вели тренерот на Академија Пандев.

Струмичкиот состав има 21 бод и се наоѓа на врвот во пресрет на денешниот меч меѓу Македонија ЃП и Вардар. „Црвено-црните“ имаат натпревар помалку и 20 освоени бода.

Се вчитува...