Трилер-меч: Палевски спаси бод за Работнички со Струга

Првото коло од новата суперлигашка сезона донесе и огромни возбудувања на дуелот меѓу Работнички и Струга, кој по голема борба заврши без победник, 25-25. Стружани имаат за што да жалат бидејќи во последната минута влегоа со два гола позитива, но не успеаја предноста да ја претворат во конечна победа.

Мечот донесе израмнета битка во која гостите во поголемиот дел го контролираа резултатот. Впрочем стружани отворија со водство од 0-3, по што Работнички првиот гол на натпреварот го постигна дури во десеттата минута. Домаќините направија пресврт и накратко поведоа со 7-6, потоа и со 8-7, но Струга сепак го заврши полувремето со предност од 12-14. Ракометарите на Работнички не се предадоа, израмнија на 17-17 нешто подоцна и на 19-19, а потоа во драматична завршница и стигнаа до бод. Стружани влегоа во последната минута со водство од 23-25, но Палевски постигна два гола во самиот финиш и спречи пораз на Работнички на камбекот во елитното друштво.

Херојот Палевски со девет гола беше главен играч кај Работнички, додека најефикасен во таборот на Струга беше Цветан Кузманоски со седум погодоци.

Се вчитува...