Тринкиери критикува: Победивме, но ова што го игра Партизан не е кошарка

Андреа Тринкиери имаше одлично деби на клупата на Партизан, откако „црно-белите“ славеа на гостувањето против Мега, екипа што во пресрет на овој викенд немаше ниту еден пораз во АБА-лигата. Сепак, италијанскиот стратег веднаш по мечот јасно стави до знаење дека воопшто не е задоволен од прикажаната игра од своите избраници.

„Среќен сум за своите играчи, на кои им требаше една ваква победа за да си ја вратат самодовербата. Победивме, но да бидам искрен очекував нешто сосема поинакво од мојот тим. Моја желба е Партизан да игра добра кошарка, а она што ние денеска го игравме воопшто не е кошарка. Жал ми е, им го реков тоа и на самите играчи, далеку е од стандардот што треба да го поставиме. Да не заборавиме, ова е земја на кошарката, мораме да бидеме добри во овој спорт, а не да играме нешто што личи на кошарка, а сепак не е… Имам деца од десет и од седум години и мислам дека подобро би заградиле скок од моите кошаркари. Сепак, јас сум виновен, најверојатно не им го објаснив тоа најдобро. Како и да е, продолжуваме со работа, утре влегуваме во сала, работиме напорно и ќе почнеме да ги отстрануваме грешките. Пред нас е многу работа“ – изјави Тринкиери.

Се вчитува...