Трката „Водно-Матка Треил Маратон” презакажана за јули – ќе се трча ноќно!

Поради настанатата состојба со вирусот COVID-19 (коронавирус) и мерките издадени од Владата и надлежните институции, организацијата на трката во планинско трчање „Водно-Матка Треил Маратон” своето трето издание реши да го презакаже за јули 2020.

Голем број на спортски настани кои се закажани во пролетниот период во светски рамки се откажани и презакажани. Третото издание на Водно-Матка требаше да се одржи на 28 март во сабота со почеток во 7 часот наутро, но организаторот истото го презакажа за 19 јули 2020 година.

„Свесни сме дека јули е претопол месец за трчање на Водно, па и генерално за било која друга локација во нашата држава, но бидејќи поради ситуацијата со коронавирусот скоро сите пролетни спортско-рекреативни настани се презакажуваат за есенскиот период оваа година, ние решивме тоа да го направиме во лето за да го растеретиме календарот и да имаме ново искуство. Трката ќе биде ноќна со тоа што би се избегнале непријатностите од јулските температури, а со ова тркачите ќе имаат уникатна можност да трчаат навечер и рано наутро на Водно. Првата година имавме снег во март, минатата имавме топол пролетен ден, па зошто оваа да немаме летна ноќна журка на водно” – велат од организацијата Трекс.

Стартот на маратонот 42км со 3100 метри висинско искачување ќе биде на полноќ во 00:00 часот на 19 јули (недела), додека пократката трка од 28 километри ќе стартува истиот ден во 4 часот изутрина. Финишот како и секогаш ќе биде планинарскиот дом „Даре Џамбаз” на врвот Крстовар во раните утрински часови се до пладне истиот ден кога ќе биде и прогласувањет на победниците и журка.

Пријавите за трката остануваат отворени до 14 јули оваа година. 

Се вчитува...