Цикарски се враќа во репрезентацијата, го нема Хасани, а ќе се чека на Адеми…

Мите Цикарски е најголемото изненадување на списокот на селекторот Игор Ангеловски, кој денеска обелодени на чии услуги ќе смета за првите две средби од Лигата на Нации на УЕФА, гостувањето против Гибралтар и домашниот дуел против Ерменија. Поранешниот фудбалер на Работнички сега со успех го носи дресот на Јанина, што беше препорака селекторот да му даде шанса и во репрезентативниот дрес.

Во однос на играчите што Ангеловски ги планираше за овој циклус во составот го нема дефанзивецот Ѓоко Зајков, кој е повреден. Во одбраната е повикан и Дарко Велковски, кој извесно време беше повреден во Ријека, а на списокот се наоѓа и Аријан Адеми, за кого е неизвесно дали ќе може да настапи по повредата што синоќа ја заработи на дуелот од квалификациите за ЛШ меѓу Динамо Загреб и Јанг бојс. Ангеловски за првите две средби нема да смета ниту на Ферхан Хасани, кој дури неодамна најде клуб и не се наоѓа во посакуваниот тренажен и натпревраувачки ритам.

Во нападот во главна улога ќе биде капитенот Горан Пандев, кој ќе има поддршка од тандемот на Палермо, Трајковски – Несторовски, како и од искусниот Иван Тричковски, кој игра во одлична форма летово во дресот на АЕК Лимасол.

„Списокот е составен од стандардни фудбалери, а повратници се Егзон Бејтулаи и Мите Цикарски. Ја следиме ситуацијата со Адеми кој ја повреди задната ложа, а денеска ќе има детални прегледи по кои ќе биде колку ќе изнесува неговата пауза. Хасани допрва се приклучи на тимот во Саудиска Арабија и затоа не е во составот. Дарко Велковски доби повик, тренерот на Ријека имаше свој став, меѓутоа јас сум селектор и ги бранам интересите на Македонија. Сега сме фокусирани на првиот меч со Гибралтар и очекувам да ја оправдаме улогата на фаворити“ – изјави селекторот Ангеловски на денешната прес-конференција.

Се вчитува...