Црногорците ја преслушаа и Грција

Црна Гора со нова победа го заокружи настапот на Мундобаскет 2023, славејќи со 73-69 над селекцијата на Грција. Црногорците пред два дена извонредно им парираа и на американските кошаркари, а денеска со ново одлично издание стигнаа до заслужена победа. Оваа победа ќе значи и освојување на третото место во групата, зад САД и Литванија, за жал недоволно за пласман во четвртфиналето.

Црногорските кошаркари тргнаа фуриозно од самиот почеток, го отворија натпреварот со предност од 15-5, по што првиот период заврши со предност на оваа репрезентација од 19-14. Во вториот период се играше израмнето, а двете селекции тотално потфрлија во играта во напад во третата четвртина во која беа постигнати вкупно 13 поени (9-4 за Црна Гора). Црногорците во неколку наврати во последниот период имаа и двоцифрена предност, Грците со прецизни тројки успеваа да се приближат, но немаа ниту време ниту пак сили за целосен камбек.

Вучевиќ ги предводеше стрелците на победничката селекција со 19 поени, пред Радончиќ со 12 и Михаиловиќ со 10 поени. Најефикасни во грчкиот табор на денешниот натпревар беа Папапетру со 16 и Папаниколау со 13 поени.

Се вчитува...