Црногорците се собраа за ЕП, Борозан е „невозможна мисија“

Црногорската ракометна репрезентација денеска го одржа првиот собир, означувајќи го стартот на десетдневните подготовки во пресрет на ЕП 2018 во Хрватска, каде оваа селекција ќе биде еден од ривалите на Македонија во групата Ц. Селекторот Драган Ѓукиќ се соочува со огромен проблем поради повредата на Вуко Борозан, чии шанси за рехабилитација до стартот на Европското првенство се сведени само на теорија.

„Ситуацијата со Вуко Борозан не е попозитивна отколку минатиот пат. Неговиот настап е крајно неизвесен и доколку се случи изненадување, тој би ни се приклучил во последен час. Исто така неизвесен е Немања Грбовиќ, кој денеска ќе тренира, но нема играно од октомври. И во октомври во текот на ЕХФ неделата бевме без нив двајца и најдовме начин да го надоместиме нивното отсуство. И со Вуко и без него сме аутсајдери во групата бидејќи играме со одлични репрезентации“ – изјави Ѓукиќ по првиот собир.

Црногорците ги очекува пеколен ритам на подготовки, а веќе задутре патуваат за Сплит каде ќе играат контролен натпревар со Хрватска. Македонија ќе се сретне со Црна Гора во рамките од второто коло во Загреб, на 15 јануари.

Се вчитува...