Црвена Звезда покaжа неверојатен карактер откако и без половина екипа успеа да го земе скалпот на европскиот вицепрвак Монако со убедливи 91-79. „Кнезовите“ изгореа во белградскиот пекол, Црвена Звезда повторно настапи без Монеке, во тимот го немаше ниту Изунду, но избраниците на Саша Обрадовиќ максимално мотивирани од одличната атмосфера успеаја да го најдат патот до победата.
Во првото полувреме фантастичен беше Милер – Мекинтаер, во клучните моменти блесна Џерод Батлер, но вистински херој на мечот беше српскиот репрезентативец Добриќ, кој го одигра својот најдобар евролигашки меч во кариерата.
Добриќ го заврши мечот со 22 поени, Батлер имаше 20, додека Милер Мекинтаер стигна до дабл-дабл од 12 поени и 10 асистенции, надополнети со шест скока и четири украдени топки.
Хапоел беше лидер во пресрет на оваа рунда, но израелскиот клуб загуби на гостувањето против Фенербахче со резултат 74-68. Израелците губеа речиси цел меч, во финишот се приближија по „минус десет“, но Фенер сепак успеа да ја задржи предноста и да стигне до заслужена победа.
Двата тима се мачеа во нападот, најефикасни кај Фенер беа Хортон Такер со 15 и Хол со 14 поени, додека Илајџа Брајант со 19 поени беше единствена светла точка во таборот на израелскиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

