Кошаркарите на Црвена звезда по двата порази на стартот од Евролигата, денеска го одиграа најдобриот натпревар сезонава и ја остварија втората победа, овој пат на гости против Дубаи.
„Црвено-белите“ славеа со 58:77 (21:16,10:21,15:19, 12:21) и по четири кола имаат по две победи и порази. Дубаи, пак, по двете победи на стартот, го доживеа вториот пораз по ред.
Црвена звезда го одигра најдоброто прво полувреме досега во Евролигата, играта во одбраната беше одлична и во втората четвртина го оставија Дубаи на десет поени. Нападот во првото полувреме го предводеше Нвора со седум поени, додека Џонс и Монеке постигнаа по пет поени.
Третата четвртина започна со серија на Црвена звезда од 8:0 со која дојде до предност од 14 поени (31:45) и без проблеми ја одржуваше двоцифрената предност до крајот на мечот.
Сите дилеми околу победникот беа разрешени по поените на Оџелеје од линијата за слободни фрлања по кои „црвено-белите“ на три минути до крајот дојдоа до 15 поени предност (54:69) по што единствена непознаница беше со колкава разлика ќе слават белграѓани.
На крајот, Црвена звезда славеше убедливи 19 поени разлика (58:77).
Џордан Нвора со 20 поени беше најдобар кај белградскиот тим, каде се истакнаа и Оџелеје со 12 и Батлер со 11 поени. Во редовите на Дубаи, листата на стрелци ја предводеше Бејкон со 13 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
