„Црвените ѓаволи“ не можеа ниту против десет „светци“

Mанчестер Јунајтед трет натпревар по ред остана без победа во Премиер-лигата откако „црвените ѓаволи“ одиграа само 1-1 на гостувањето против Саутемптон. Солскјер и неговите избраници имаат за што да жалат бидејќи имаа водство во поголемиот дел од мечот, а по израмнувањето на Саутемптон не ја искористија предноста од фудбалер повеќе во последните дваесет минути.

Младиот Џејмс уште еднаш се потврди како најголемо засилување на Јунајтед во летниот преоден рок откако со прекрасен удар го доведе својот тим во водство. Поголемиот посед на топката не беше претворен и во втор погодок, а казната стигна во вториот дел, кога Вестергард биеше прецизно со глава за свој прв премиерлигашки погодок во кариерата.

Кога Саутемптон остана со десет фудбалери по исклучувањето на Дансо гостите од Манчестер тргнаа во тотлна офанзива. Беа упатени неколку опасни удари, но голманот Ган не дозволи и вторпат да биде матиран, па овој интересен натпревар заврши без победник, 1-1.

Се вчитува...