„Црвените ѓаволи“ се специјалисти за пресврти

Манчестер Јунајтед ја одложи шампионската прослава на градскиот ривал Манчестер Сити откако „црвените ѓаволи“ стигнаа до нов премиерлигашки триумф, овојпат на гостувањето против Астон Вила. Како и многу пати претходно сезонава, избраниците на Оле Гунар Солскјер први примија гол, но потоа покажаа карактер и со пресврт стигнаа до цел плен.

Траоре беше стрелец на водечкиот гол за Астон Вила, откако домашниот играч со фантастичен удар ја смести топката во горниот агол од голот на Хедерсон. Пресвртот беше направен во првите петнаесетина минути од второто полувреме, Фернандеш израмни на 1-1 од пеналот што беше направен врз Погба, пред Гринвуд да го донесе Јунајтед во водство. Конечните 1-3 во 87. минута ги постави Единсон Кавани.

Астон Вила во финишот остана со фудбалер помалку на теренот откако најдобриот стрелец на домашниот тим, Оли Воткинс заработи црвен картон.

Се вчитува...