Цвијиќ ја брани честа на „вардарки“ во Топ 10 трансферите во Европа

Со вечерашниот натпревар меѓу Вардар и ФТЦ Будимпешта и официјално ќе биде означен стартот на новата сезона во ракометната Лига на шампиони за жени, во која „вардарки“ ќе влезат како актуелни европски вицешампионки.

Во пресрет на новата сезона, ЕХФ ги избра десетте најзначајни трансфери во текот на летово, со кој дел од тимовите значително ги засилија своите редови. Од десетте најзвучни засилувања, „вардарки“ имаат само едно, и тоа Драгана Цвијиќ се најде на шестото место со преселбата од Будуќност во таборот на „црвено-црните“. Од оние кои заминаа од СЦ „Јане Сандански“, голманката Песоа со трансферот во Ростов е четврти најдобар трансфер во Европа, едно место пред Ања Алтхаус, која кариерата ја продолжи во европскиот првак Ѓер.

На врвот сосема очекувано се најде Кристина Неагу, која реши да си замине од Будуќност и се врати во татковината облекувајќи го дресот на ЧСМ Букурешт. Втората позиција исто така е резервирана за поранешна ракометарка на Будуќност, Црногорката Катерина Булатовиќ, која сезонава ќе го носи дресот на Ростов. Третата позиција и припадна на норвешката голманка Лунде, која од Ростов се пресели во Кристијанштад, додека зад Цвијиќ, од седмото до десеттото место се наоѓаат Аманда Куртовиќ (од Ларвик во ЧСМ Букурешт), Каролина Кудлач Глок (од Лајпциг во Битигхајм), Лаура ван дер Хејден (од Есбјерг во ФТЦ Будимпешта) и Луиз Санд (од Савехоф во Брест).

Се вчитува...