Тулуз беше преголем залак за Металург

Металург со пораз го стартуваше настапот во групната фаза од Лигата на Европа откако поранешниот македонски првак загуби на гостувањето против Тулуз со 33-29. Избраниците на Зоран Кастратовиќ одиграа солиден натпревар, во голем дел од мечот одлично му парираа на противникот, но останува разочарувањето за неколкуте неискористени шанси за целосен камбек во второто полувреме.

Металург парираше само во почетните пет-шест минути (3-3), за потоа Тулуз дури и во ситуација со играч помалку на теренот да поведе со 5-3 и да почне да го контролира натпреварот. Македонскиот тим почна да греши во нападот кон средината на полувремето, францускиот претставник знаеше како да го искористи тоа и набрзина да поведе со 10-6, по што Зоран Кастратовиќ го побара првиот тајмаут на натпреварот. Сепак, веќе во следниот напад следеше промашување на Рниќ и нов лесен гол на Тулуз, за прво водство од „плус пет“ на домашниот состав (11-6).

Соколиќ доби црвен картон по еден груб старт врз Хорват (трето исклучување за само 16 минути игра), но Металург не ја искористи ниту таа ситуација со играч повеќе на терен. Поповиќ ја прекина серијата на противникот со два брзи гола, потоа Шилегов изнуди пенал и исклучување, по што избраниците на Кастратовиќ се приближија до 12-9. Во одличен ритам влезе и голманот Дупјачанец, Поповиќ од пенал намали на 13-11, но Тулуз возврати со сопствена серија од три гола и ја врати предноста на плус пет (17-12).

На полувреме се замина со резултат 18-15 за Тулуз, Металург го почна вториот дел со играч повеќе на теренот, стигна до „минус два“, потоа следеше исклучување за Велко Маркоски, но македонскиот тим ја одржуваше разликата меѓу два и три гола иако веднаш потоа исклучен беше и Тарабокија. Поповиќ во 38. минута го постигна својот деветти погодок за 22-20, резултат при кој Мице Шилегов промаши два зицери од контранапад, по што Тулуз повторно влезе во ритам и поведе со 25-21.

Златко Хорват својот прв гол на мечот го постигна дури во 46. минута, за 25-22, а Металург последната шанса за камбек ја пропушти при неискористениот напад при 25-23. Тулуз постигна три гола во серија, поведе со 28-23 и практично го реши прашањето на победникот. Металург се приближи до 29-26, Гарден побара тајмаут и ја прекина мини-серијата на македонскиот тим со лесен гол од пивот, победникот беше решен, а Тулуз на крајот заслужено триумфираше со конечни 33-29.

Поповиќ беше најдобар поединец кај „металурзите“ со девет погодоци, додека Дупјачанец имаше десет интервенции на голот на македонскиот претставник во Лигата на Европа.

Се вчитува...