Дербито на четвртото коло во Евролигата се играше во „ОАКА“ арената во кое Панатинаикос го декласира Фенербахче со 92:74.
По овој меч, Панатинаикос останува перфектен со четири победи во четири натпревари, додека Фенербахче го доживеа првиот пораз.
Овој дуел претставуваше и пресметка и на клупите на двата тима, Жељко Обрадовиќ и Шарунас Јасикевичиус, кој како играч од четири титули во Евролигата, една освои како член на грчкиот тим (2009) кога на клупата седеше токму Обрадовиќ.
Фенербахче добро се држеше во првото полувреме кое го заврши со негатива од пет поени (46:41). Во третата четвртина, кошаркарите на Панатинаикос го направија клучниот момент за победата, благодарение на серијата од 10:0 поведоа со 62:47. Во четвртата четвртина, по поените на Силван Франциско, Панатинаикос отиде на плус 20 (78:58) со што ги разреши сите дилеми околу победникот.
Најџел Хејс-Дејвис со 19 поени, Матијас Лесор со 19 поени и седум скока и Силван Франциско со 17 поени беа најдобри кај Панатинаикос, додека кај Фенербахче, Бракстон Ки даде 13 поени.
Виртус Болоња дојде до втората победа по ред откако со 94:87 славеше на гостувањето кај Баерн Минхен, додека Макаби Тел Авив со 97:79 беше подобар од Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
