УЕФА го избра домаќинот за финалето на ЛШ 2019

Финалето на фудбалската Лига на шампиони во 2019 година ќе се игра на стадионот на Атлетико Мадрид, „Ванда Метрополитано“, одлучи Извршниот одбор на Европската фудбалска федерација (УЕФА). Финалето на ЛШ ќе се игра на 1 јуни 2019 година.

Стадионот „Ванда Метрополитано“ е отворен минатиот викенд, а изградбата чинеше 240 милиони евра. Капацитетот на стадионот е 67.700 гледачи.

Со одлуката на УЕФА, Мадрид ќе стане втор град во историјата, после Лондон, кој пет или повеќе пати бил домаќин на финалето во Куп или во Лигата на шампионите. Досегашните четири финалиња  се играни на стадионот „Сантијаго Бенабеу“ (1957, 1969, 1980 и 2010).

УЕФА ги одреди домаќините и на другите европски финалиња. Така, финалето од Европската лига во 2019 година ќе се игра на 29 мај на Олимпискиот стадион во Баку, додека европскиот Супер Куп ќе биде на 14 август на стадионот на Бешикташ. Финалето на Лигата на шампионите во женска конкуренција ќе се игра во Будимпешта на стдионот во Ференцварош, а датумот се уште не е одреден.

Оваа сезона, финалето на ЛШ е на 26 мај 2018 година на Олимпискиот стадион во Киев, додека финалето на Европската лига ќе се одигра на 16 мај во Лион. Европскиот Супер куп е закажан за 15 август 2018 година на „Ле кок Арена“ во Талин.

Се вчитува...