Укинат ваучер-системот, македонскиот спорт влегува во нова неизвесност!

Ваучер-системот преку кој функционираше целокупниот македонски спорт во последните години е укинат со одлуката на денешната седница на Собранието на Република Македонија, каде беа донесени низа измени во законите поврзани со даночната регулатива во државата.

За спортот најважни се промените поврзани со Законот за данок на добивка, преку кој беше регулиран ваучер-системот, компаниите дел од годишната добивка наместо на име данок во државниот буџет, да ја уплаќаат на спортските субјекти што на тој начин ќе ги спонзорираат.

„Членот 30а се брише“, се вели во еден од изгласаните амандмани. Токму со тој член 30а беа регулирани правата и обврските на спортските субјекти за добивање и користење на ваучерите.

„Со членот 30-а од Законот е предвидено даночно ослободување за даночните обврзници кои донираат во спортот. Имено истите имаат право на намалување на пресметаниот данок на добивка за дадените донации на спортски субјекти. Во насока на изедначување на третманот на дадените донации во спортот со донациите во другите области, како и разгледување на можноста за обезбедување на друг начин на поддршка на развојот на спортот се утврди дека е потребно да се избрише постојното даночно ослободување на обврзниците за дадените донации во спортот“, се вели во објаснувањето на законот што беше донесен денеска.

Она што е важно да се напомене е дека одлуката стапува на сила од 1. јануари 2024 година, што значи дека спортските колективи и индивидуалните спортисти ќе можат да ги наплатат ваучерите за 2023 година, а во меѓувреме се очекува да биде изнајден нов начин на помагање на спортот од страна на државата.

„Член 13: Одредбите од членот 1 oд овој закон со кои се брише член 9 став (1) точка 10-а), одредбите од членот 5 од овој закон со кои се брише член 30-а и одредбите од членот 7 од овој закон со кои се брише член 40 став (3), ќе се применуваат од 1 јануари 2024 година“, се вели во законот.

Уште пред извесно време се дискутираше за преземање на ваучер системот под капа на државата, односно наместо клубовите, федерациите и спортистите да бараат пари од компании, да ги добијат истите директно од буџетот. Овие дискусии сепак не добија конкретна реализација, а фактот дека се укинува еден закон без притоа да биде донесено ново законско решение за помош за спортот е знак за сериозен аларм.

Впрочем, политичките промени кои настанаа пред воведувањето на ваучер-системот доведоа до „парализирање“ на македонскиот спорт што траеше со месеци, кога беше укинат претходниот начин на финансирање без да биде донесен новиот закон што потоа требаше да мине време за да почне да функционира.

Трагично ќе биде ако таа грешка се повтори и сега, па повторно се наиде на „временска дупка“ во која спортистите ќе мора да играат без плата, затоа што државните институции прават „грешки во чекори“.

Се вчитува...