Уловени во мрежата на „рибарите“ – Пораз и од Исланд!

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Македонија го претрпе и третиот пораз во низа во групата Б од СП 2019, откако денеска загуби од Исланд со резултат 22-24, не успевајќи да обезбеди пласман во втората рунда од овој Мундијал. Првото полувреме мина во знакот на македонската селекција, која со цврста одбрана замина на одмор со два гола, за потоа повторно да имаме огромен пад во вторите 30 минути и на крајот да се потклекне во неизвесна завршница во која Гонзалес ја смени тактиката, од „седум на шест“ во „шест на шест“ во последните десетина минути.

Мечот го почнавме катастрофално, топката му мина низ раце на Кузмановски, по што Исланѓаните директно од аут од својата половина дојдоа до почетно водство. Самодовербата еспресно се врати, па по пет минути игра Македонија имаше водство од 3-1. Борко Ристовски одбрани уште еден зицер, па Манасков со лоб-удар израмни на 4-1. Имавме и шанса за 5-1, но Густавсон го одбрани ударот на Манасков, по што Исланѓаните и својот втор гол го постигнаа од својата половина.

Гудмундсон побара тајмаут уште во 10. Минута при водство на Македонија од 4-2. Противничкиот голман врза три одбрани во низа бранејќи му и пенал на Кире Лазаров. Недостигаше дисицплина во нападот, па Исланд од првите четири гола, три ги постигна во празна мрежа, за израмнување на 4-4. Кире Лазаров со гол и асистенција до Пешевски ја врати предноста на „плус два“ (6-4), а потоа пропуштивме две шанси за повторно да поведеме со три гола разлика. Исланд пак се врати, но Манасков беше расположен за игра и набрзниа стигна до четири постигнати погодоци. Во 26. Минута тој заработи исклучување при еден направен пенал, но Борко Ристовски продолжи со извонредни одбрани запирајќи го седмерецот на Исланѓаните.

Со двата гола на Лазаров поведовме со 12-10, потоа имавме шанса за „плус три“, а по голот на Палмарсон македонскиот капитен погоди уште еднаш, за конечни 13-11 по 30 минути игра во „Олимпија хале“.

Второто полувреме го почнавме со два гола на Талески, но одбраната 5-1 не функционираше одлично како во првото полувреме. Борко Ристовски имаше две одлични интервенции во серија, но Исланд сепак израмни на 16-16, по што Гонзалес побара тајмаут. Веднаш потоа на теренот се врати Георгиевки, кој во обид за цепелин беше фаулиран од голманот Густавсон. Проблемите во нападот стануваа се поголеми, па Исланд дојде и до второ водство на натпреварот (16-17). Гонзалес во немоќ зеде уште еден тајмаут при 16-18, Талески постигна гол, но противникот повторно си обезбеди два гола предност (17-19) на нешто повеќе од десет минути до крајот.

Македонија не се предаде, па преку Пешевски и Поповски израмни на 20-20, по што Гудмундсон побара тајмаут за да ја консолидира играта на исландскиот состав. Палмарсон постигна погодок, а во следниот напад тргнавме „шест на шест“ и веднаш ја загубивме топката поради прекршок од Пешевски. Кузмановски погоди за израмнување на 21-21, но потоа Исланд повторно дојде до „плус два“, на крајот триумфирајќи со 24-22.

Покрај одличниот Ристовски на голот, најзабележителни во нашиот табор беа Манасков и Лазаров со по пет погодоци и Талески со четири постигнати гола.

Македонија со четвртото место ќе биде дел од „Президент купот“ што ќе се игра во Келн в сабота и в недела.

Се вчитува...