Уште еден Аргентинец си оди од Реал среде сезона

Реал Мадрид едвај успеа да се консолидира по заминувањето на Кампацо во Денвер Нагетс, а „кралевите“ сега остануваат без уште еден важен аргентински кошаркар. Габриел Дек беше меѓу најзаслужните за вчерашниот убедлив триумф над Фенербахче, по што Аргентинецот почна да се пакува за преселба во НБА-лигата. Оклахома Сити тандер ќе биде новиот клуб на Дек, откако беа договорени сите услови за четиригодишна соработка.

Дек ќе заработува четири милиони евра по сезона, но само првата година му е загарантирана, а Оклахома потоа ќе има опција да го задржи, или ослободи од обврските доколку не е задоволна од неговата форма.

„Кралевите“ веднаш реагираа и донесоа ново засилување, ангажирајќи го Винсент Поарие, францускиот интернационалец кој доаѓа од НБА-лигата, каде настапуваше за Бостон и за Филаделфија. Поарие потпиша четиригодишен договор со Реал, но ќе нема право на настап во четвртфиналето од Евролигата бидејќи преодниот рок за елитното европско натпреварување веќе е затворен.

Се вчитува...