Уште една НБА ѕвезда завршува кариера

Поранешниот плејмејкер на Њујорк, Стефон Марбори на 41 година одлучи да стави крај на својата кошаркаска кариера. Американецот моментално игра во кинеската лига за тимот на Пекинг драгонс, кои се наоѓаат на 12. позиција на четири кола до крајот на регуларниот дел од првенството, а знаејќи дека неговиот тим нема шанси за плеј – оф, на Марбори му остануваат само четири натпревари пред официјално да замине во пензија.

„Уморен сум веќе, играм цели 22 години. Моето тело полека ме изневерува, приметувам и самиот дека одамна не сум истиот на теренот. Се помирив со судбината и 100% сум сигурен во мојата одлука, ќе ја завршам кариерата по крајот на оваа сезона“, истакна Марбори за кинеските медиуми.

Во НБА – лигата учествуваше 13 години носејќи ги дресовите на Минесота, Њуџерси, Феникс, Њујорк и Бостон. Два пати учествуваше на „Ол – стар“ натпреварите, беше познат како одличен поентер, но и како солиден додавач. Од 2010 година се пресели во Кина каде три пати стана шампион со екипата на Пекинг дакс.

Се вчитува...