Ван Дајк е играч на годината во Премиер-лигата

Вирџил ван Дајк е изборот на професионалните фудбалери во Англија за најдобар играч во Премиер-лигата за оваа натпреварувачка сезона. Официјалните резултати ќе бидат обелоденети утре, но весникот „Дејли Мејл“ попладнево објави дека победникот е веќе познат – Ван Дајк собрал најмногу гласови и ќе се закити со големото индивидуално признание.

Главен ривал на Холанѓанецот беше Рахим Стерлинг, но англискиот репрезентативец од Манчестер Сити сепак освои помалку гласови од најдобриот дефанзивец во Премиер-лигата. Покрај Стерлинг и Ван Дајк, на листата од шестмина финалисти се наоѓаа уште и Серхио Агуер, Бернардо Силва, Еден Азар и Садио Мане.

Ланскиот освојувач на признанието, Мохамед Салах, овојпат не се најде ниту на листата на финалисти. Гала-вечерата на која официјално ќе бидат доделени наградите на Здружението на професионални фудбалери во Англија ќе се одржи на 28 април во Лондон.

Се вчитува...