ВАР го елиминираше Манчестер Сити – Тотенхем е во полуфинале

 Манчестер Сити остана без шанси за освојување на сите трофеи сезонава откако „граѓаните“ вечерва беа елминирани од Лигата на шампионите од Тотенхем.

Вечерашниот триумф од 4-3 сепак се покажа недоволен за тимот на Пеп Гвардиола, кој поради помалку голови постигнати на гостински терен повторно ја завршува својата европска авантура во четвртфиналето од ЛШ.

„Граѓаните“ сигурно уште долго ќе го проколнуваат ВАР-системот, бидејќи им беше поништен гол во 93. минута кој можеше да ги одведе во полуфиналето. Стерлинг одлично се снајде и ја смести топката во мрежата, но голот потоа беше поништен поради офсајд на Агуеро, за тотален молк меѓу домашните фанови во Манчестер. Претходно, Тотенхем стигна до посакуваната негатива од еден гол откако Љоренте постигна гол за 4-3. Интересно, Шпанецот ја удри топката и со рака, ситуацијата многу пати беше прегледувана со ВАР, за на крајот судијата Чакир да покаже кон центарот, потврдувајќи ја својата првична одлука.

Стерлинг постигна два гола за Манчестер Сити, по еднаш прецизни беа Бернардо Силва и Агуеро, но и тоа беше премалку за „граѓаните“ да се најдат меѓу најдобрите четири екипи во Европа. На спротивната страна, Сон постигна два гола за Тотенхем пред решавачкиот погодок на Љоренте.

Тотенхем ќе биде противникот на Ајакс во полуфиналето, додека во втората полуфинална двојка ќе се сретнат Барселона и Ливерпул.

Се вчитува...