Вардар доби 250.000 евра од Град Скопје и покрај противењето на градоначалничката Арсовска

Најтрофејниот македонски клуб Вардар доби финансиска помош од Град Скопје во износ од 15 милиони денари, или околу 250.000 евра.

На денешната седница на советот на Град Скопје, на амандма поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, беше донесена одлуката финансиски да се помогне на Вардар, иако реакции имаше од градоначалничката Данела Арсовска која се противеше на една таква одлука.

Иако градоначалничката Арсовска појасни дека станува збор за приватен клуб и дека Град Скопје не треба да финансира приватни компании, а со таквиот став се согласија и дел од советниците, сепак советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се мнозинство во Советот, а и со дел од советниците на СДСМ, без проблем го изгласаа амандманот.

ФК Вардар за девет дена го очекува прославата на 75. роденден на клубот, а навивачката група „Комити“ слави 35 години. На 23. ноември, на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, со почекот од 19:30 часот ќе се одигра пријателскиот натпревар меѓу екипите на Вардар и Железничар од Сараево. Цената на билетите за овој натпревар изнесува симболични 100 денари.

Се вчитува...