Вардар го чека тешка зима – играчите чекаат исплати, подготовките „висат“…

Екипата на Вардар ги живее своите најтешки денови во историјата, а истите може да бидат уште потешки затоа што доаѓаат нималку оптимистички најави поврзани со „црвено-црните“. Најтрофејниот македонски клуб можеби има план кога би почнал со подготовките, но прашање е колку ќе успее да го задржи сегашниот играчки кадар и на кој начин ќе почнат подготовките кога играчите веќе си ги бараат парите за есенскиот дел од сезоната.

Играчите бараат исплата на долговите кои се наталожени веќе со месеци, а во исто време веќе голем дел од нив почнале да размислуваат и за други клубови. Добиваат ветувачки сигнали од Вардар дека многу скоро ќе има „чистење“ на долговите, иако прашање е колку тие ветувања ќе бидат исполнети. Ситуацијата е дојдена до точка да не се верува повеќе, па така постои голема веројатност низ зимскиот преоден рок да се случи „егзодус“.

Во најдобар случај би можел во ова кратко време долгот со играчите да се реши, и да се почнат и одработат подготовките, па во пролетниот дел да следува борба за прволигашката конкуренција. Постои и полоша варијанта „Б“ и тимот да настапува со сосема изменета екипа, односно со млади играчи надополнети со оние кои ќе сакаат да му помогнат на Вардар, но тоа би значело и дефинитивно откажување од прволигашките цели. Има и целосно скептични информации дека воопшто и нема да се почне со подготовки.

Неизвесноста во таборот на „црвено-црните“ е огромна. Клубот е во трка со времето да ги среди долговите, а потоа ж да се подготвува за пролетниот дел. Најавите дека ќе има „мирна“ зима не се добри. Најавите дека ќе има тешка и неизвесна зима се големи.

Имаше најава за помош од 250.000 евра од Град Скопје, а потоа информација дека, сепак, тие пари нема да му бидат дадени на Вардар. Со тие средства ќе се средеа голем дел од проблемите, а вака… Вака останува неизвесност до крај, што, како ќе биде со Вардар. Оптимизам, барем засега, нема, но во Вардар секогаш работите се менувале брзо, па нема да биде за изненадување ако се појават и некои нови, поомтимистички информации за „црвено-црните“ пред стартот на подготовките.

Клубот моментално е на втората позиција на табелата, со еден бод заостанување од првото место, и низ пролетниот дел требаше да се бори за прволигашката конкуренција, ама со ваков „несреден“ Вардар, тешко дека ќе се дојде до исполнување на целите.

Се вчитува...