Вардар го објави планот на подготовки

Европскиот првак Вардар го објави планот на подготовки за следната сезона, закажувајќи го првиот тренинг под водство на новиот тренер Давид Писонеро за 24 јули во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Според направениот план од 24 јули до 2 август ќе се тренира во Скопје каде ќе бидат завршени и сите потребни лекарски прегледи на играчите. Потоа следи пат до Требиње, БиХ, каде ќе продолжат со подготовки и ќе настапат на турнир на кој ќе играат и: Борац Бања Лука, Леотар, Металопластика, Бутан изола и Извиѓач. Тој турнир ќе се игра во периодот од 9 до 11 август.

По враќањето од БиХ ќе се работи во Скопје се до заминување за Саудиска Арабија на Супер Глоуб (27-31 август). На Супер Глоуб покрај македонскиот ракометен гигант ќе играат и екипите на: Ал Вехда (С.Арабија), Барселона (актуелен првак), Заламек (Египет), Сиднеј (Австралија), Таубате (Бразил), Њујорк (САД), Ал Мудхар (С.Арабија) и Кил (Германија).

„Црвено-црните“ покрај ангажманот на новиот тренер Писонеро потпишаа договори и со неколку нови ракометари:  Димитар Димитриоски, Павел Атман, Хозе Гиљермо Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис и Домен Сикошек Пелко.

Се вчитува...