Вардар му даде три гола предност, па го реши Загреб

Вардар игра како што му прилега на европскиот првак, па „црвено-црните“ и во третото коло од Лигата на шампионите стигнаа до цел плен, триумфирајќи на домашен терен против Загреб со резултат 28-21. „Црвено-црните“ одиграа под своето ниво само во првите три минути, го оставија противникот да поведе со 0-3, за потоа целосно да доминираат на теренот и да стигнат до нов триумф во СЦ „Јане Сандански“, иако салата за жал повторно не беше исполнета како што прилега на екипа што е актуелен шампион на Европа..

Ракометарите на Вардар многу лошо влегоа во натпреварот, па по двете промашувања на Дибиров и послабата игра во одбрана гостите набрзина поведоа со 0-3. Раул беше принуден по неполни четири минути да побара тајмаут, за веќе во следниот напад Чупиќ да го постигне првиот гол за „вардарци“. Хрватското крило нешто подоцна реализираше пенал за 3-4, за во следниот напад да промаши зицер од контранапад што можеше да донесе израмнување. Сепак, одбраната на чело со Штербик конечно почна да функционира па набрзина следеше и водство од 7-4.

makeda zagreb

Загреб по пауза од десетина минути конечно постигна погодок, но „црвено-црните“ знаеја како да ја одржат предноста. Македа беше одличен со четири гола во првото полувреме, Стоилов одигра значајна улога со еден погодок, но и изнудени пенали и исклучувања на противничките играчи, па Вардар замина на одмор со позитива од три гола (13-10).

Цврстата одбрана од првиот дел продолжи и на стартот од второто полувреме, кога Загреб беше без постигнат погодок во првите осум минути, па Каменица беше принуден да побара тајмауут при водство на македонскиот шампион од 16-10. Загреб првиот гол во второто полувреме го постигна дури во 42. Минута, но „вардарци“ дотогаш веќе си создадоа одлична предност. Решеното прашање на победникот му овозможи на Гонзалес да одмори дел од најдобрите играчи во финишот, па така Војводиќ доби шанса на местото на Циндриќ на среден бек, додека Ѓорѓески застана на голот наместо Штербик. Тоа воопшто не се одрази врз резултатот, па „црвено-црните“ заслужено го добија овој меч со конечни 28-21.

dibirov zagreb

Покрај одличниот Штербик на голот, најзаслужни за победата беа Македа и Борозан со по четири погодоци, додека Чупиќ, Циндриќ и Канелјас по три пати се запишаа меѓу стрелците.

Актуелниот европски шампион по првите три кола се наоѓа на чело на табелата со максимални девет бода, а во четвртата рунда „вардарци“ ги очекува гостување во Унгарија против ПИК Сегед, меч закажан за 7 октомври.

Се вчитува...