Вардар нема да ги добие ветените пари од Град Скопје

Најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе мора да почека на предвидените средства кои беа ветени за мало санирање на финансиските проблеми. Вардар пред само една недела доби финансиска помош од Град Скопје во износ од 15 милиони денари, или околу 250.000 евра. На седница на советот на Град Скопје, на амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, беше донесена одлуката финансиски да се помогне на Вардар.

Но, денеска градоначалничката на Скопје, Данела Аровска, како што самата изјави, „поради нестручните и несоодветни амандмани на ребаланс на буџетот поднесени од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ блокиран е градскиот буџет за што е добиена и потврда од страна на Министерството за финансии“. Од тие причини буџетот не може да се вчита и предвидените средства нема да легнат на сметката на ФК Вардар.

„Благодарение на овие нестручни амандмани нуту ФК Вардар ќе ја добие финансиската помош која ја очекува, ниту граѓаните ќе ги добијат субвенциите што требаше да бидат поддршка поради енергетската криза, ниту скопјани ќе добијат нови садници во ек на сезоната на садење. Поради блокадата на буџетот од амандманите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ сега нема да може да се реализираат и бројни други проекти“ – информираше Арсовска, а пренесува „360 степени“, притоа дополнувајќи:

„Иако беа предупредени од страна на стручните служби на градот Скопје и тоа на комисијата за финансирање која се одржа пред седницата каде се разледуваше ребалансот на буџетот дека во оваа форма амандаманите ќе го блокираат буџетот, тие одбија да ги преработат за да бидат функционални. Оттука не може да заклучиме ништо друго освен дека Трајко Славески и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги исполнуваат единствено желбите на нивниот лидер Христијан Мицкоски за што директна штета трпат Скопје и скопјани“.

Фудбалерите на Вардар четири месеци не добиле плата, за што им е неопходна поддршка и помош иако е јасно дека за клубот е неопходно системско решение а не инцидентни финансиски инјекции.

Се вчитува...