Вардар се „удави“ во Струга, Силекс се искачи на третото место

Вардар потклекна во Струга и загуби со 2-1. Домашниот тим одигра одличен прв дел, поведе со 2-0 со головите на Христијан Кировски во 25.минута и на Арбен Тафе во 45.минута, а „црвено-црните“ намалија од пенал што го реализираше Дарко Мицевски во 80.минута од средбата. Тоа е прв пораз на Вардар по 12 натпревари, а тимот остана и без тренерот Александар Васоски кој беше исклучен поради реакции кон судиите.

Вардарци остануваат лидери со 30 бода, четири повеќе од Академија Пандев. На третата позиција се проби Силекс со 21 бод.

Ренова и Академија Пандев ремизираа (1-1) во Тетово. Сашко Пандев донесе предност за гостите уште во осмата минута, но Ренова успеа да израмни со голот на Илирид Адеми во 74.минута од дуелот.

Борец и Македонија ЃП во Велес исто така ги поделија бодовите играјќи 1-1. Боби Божиновски во 28.минута го доведе составот на Македонија ЃП до предност, откако со волеј удар реализираше по центаршутот од левата страна. На самиот истек на првото полувреме израмни Никола Прелчец откако налета на одбиената топка од Марко Јовановски, по шутот на Роберт Коцев.

Силекс го совлада Шкупи со 1-0 и се искачи на третата позиција на табелата со 21 бод. Стрелец на победничкиот гол за кратовци беше Милош Жеравица уште во третата минута од мечот. Со ова Силекс го продолжи одличниот ефект на домашен терен оваа сезона.

Утре колото ќе го комплетираат Работнички и Шкендија со дуелот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

ПРВА ЛИГА, 14.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – ВАРДАР 2-1

РЕНОВА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-1

БОРЕЦ – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1

СИЛЕКС – ШКУПИ 1-0

УТРЕ: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА

Табела: Вардар 30, Академија Пандев 26, Силекс 21, Шкендија 18 (-1), Шкупи 18, Македонија ЃП 18, Струга ТЛ 18, Ренова 15, Борец 15, Работнички 11 (-1).

Се вчитува...