Вардар се засили со Муслиу, продолжи до 2020 и со Гачевски

Вардар го доведе првото засилување за новата сезона, со ангажманот на младинскиот репрезентативец Висар Муслиу. 22-годишниот стопер кој доаѓа од Ренова, денеска потпиша три годишен договор со шампионот.

Мусли претходно во својата кариера настапуваше за младинската екипа на Гостивар, потоа замина во Ренова, а дел од кариерата мина и во швајцарскиот Сент Гален. Се врати во Ренова во 2015 година, од каде сега се сели меѓу црвено-црните.

„Многу сум среќен што ќе бидам дел од Вардар. Дојдов тука да освојувам титули и да играм во Лигата на шампионите. Јас ќе дадам се од себе да се наметнам, да ја оправдам довербата на стручниот штаб и на раководството на клубот. Се надевам дека со добри игри ќе придонесам тимот да освојува уште шампионски и Куп пехари, и да бележи успеси во Европа“ – вели Муслиу.

Муслиу смета дека нема да му треба многу време за адаптација во нашиот тим, со оглед дека со поголемиот дел од играчите добро се познава, тренирал и играл заесно во младинските репрезентации.

„Познавам многумина играчи во Вардар, ми кажаа многу убави зборови за клубот, дека се работи на максимално професионално ниво и дека од година во година амбициите се сè поголеми. Се радувам на овој предизвик, и сега на мене е со напорна работа да се докажувам и да напредувам во овој клуб“ – изјави новиот фудбалер на Вардар.

Дефанзивецот ќе биде дел од младинската репрезентација на Македонија која ќе настапува на Европското првенство во Полска овој месец, со што Вардар доби уште еден репрезентативец од таа генерација во своите редови покрај Игор Алексовски, Дарко Велковски, Бесир Демири, Бобан Николов и можеби и Петар Петковски.

Во меѓувреме, „вардарци“ го продолжија договорот и со голманот Филип Гачевски кој стави потпис на договорот со Вардар на уште три години.

Гачевски дојде во Вардар во летниот преоден рок 2015 година, и до сега во вардаровиот дрес настапи на 41 официјален натпревар, од кои 37 се во првенството, еден во Супер купот и три во Купот на Македонија.

Се вчитува...