Вардар во голем стил против големата Барселона

Вардар одигра во голем стил и доби уште една голема битка против големата Барселона. Европскиот шампион во европско издание пред полните трибини во СЦ „Јане Сандански“ славеше против Барселона со  27-24 (16-12) во натпреварот од 5.коло од групната фаза во Лигата на шампионите и се одвои на лидерската позција во групата А. „Црвено-црните“ сега се единствениот непоразен тим во групата по првите пет кола, со четиир победи и едно реми. Вардарци го имаа Арпад Штербик во уште едно инспиративно издание на голот ифункционираа речиси беспрекорно во поголемиот дел од натпреварот што на крај им донесе уште една престижна победа против најсилниот противник во групата.

Барселона имаше поконкретен старт, инцијатива во првите пет минути и водство од 1-3. На вардарци им требаа четири минути да влезат во мечот и да стигнат до првиот погодок преку шпанскиот бек Хорехе Македа. Но, по стартното „испитување на силите“,  Вардар го најде вистинскиот ритам. Две сигурни интервенции на Арпад Штербик и сигурната  игра  во одбраната на „црвено-црните“ дадоа нов импулс и беа основа за пресврт. Серијата на Вардар ја отвори Иван Чупиќ со погодокот од седмерец, Данил Шикарев погоди за првото изедначување на мечот на 4-4 во 8.минута, а потоа европските шампиони уфрлија во полна брзина. Штербик го одбрани ударот на Валеро Ривера , а Вуко Борозан казни со погодок за прво водство на Вардар со 5-4 во 9.минута.

borozan vardar barsa

Барселона успеа да остане во егал до сердината на првиот дел, а потоа следуваше уште еден бран од Вардар. Додека Чави Пасквал ротираше со бековите барајќи го вистинското решение за надворешната линија, Раул Гонзалес точно знаеше што игра и како да ги реализира своите замисли. Лука Циндриќ ја презеде иницијативата во нападот и ја отвори новата серија за „црвено-црните“ од 5-0 по која македонскиот шампион се одлепи на 11-6 и ја стави Барселона во подредена улога. Во свој стил, неверојатен на голот на Вардар, беше Арпад Штербик и даде дополнителен белег на супериорниот настап на Вардар. „Црвено-црните“ на двапати во првото полувреме стигнаа до највисока преднсот од +6 (15-9, 16-10), а на одмор заминаа со солидни 16-12.

sterbik vardar barsa

Само три минути им беа доволни на ракометарите на Вардар на стартот од вториот дел одново да се вратат на највисоката позитива од шест гола. Проектилот на Вуко Борозан, милиметарски прецизниот шут на Тимур Дибиров и ефектната контра на Шишкарев го однесоа Вардар на 19-13.

Наспроти речиси перфектното издание на вардарци, Барселона на овој дуел пред полните трибини во СЦ „Јане Сандански“, делуваше помалку конфузно и малку повеќе под своето вообичаено ниво.

dibirov vardar barsa

Во обид да го сопре нападот на противникот, во 42 минута од натпреварот, во близок дуел со Ваел Жалуз настрада пикерот на Вардар, Рожерио Мораеш и мораше да се пресели на клупата. Кусиот прекин и помогна на Барселона да се врати во ритам. Гонзало Перез де Варгас му го одбрани ударот од седум метри на својот колега од шпанската репрезентација, Жоан Канелјас што им отвори можност на гостите да намалат на 20-16.  Пасквал се обиде да го сврти мечот со седум играчи во напад, но вардарци брзо најдоа решение и за ваквата поставеност на противникот и одново се вратија на сигурните +6 (23-16) и го натераа шпанскиот стратег брзо да се откаже од играта седум на шест.

Вардарци го имаа Штербик на голот и ги држеа сите конци во свои раце влегувајќи во завршните пет минути со предност од 26-20. Гостите успеаја да намалат на 26-22, а двете исклучувања кај вардарци им дадоа последна надеж за пресврт на неполни две минути пред крај. Но Иван Чупиќ погоди за 27-23 и стави точка на уште една голема победа на Вардар .

Вуко Борозан со шест и Хорхе Македа со пет гола беа најефикасни во составот на Вардар. Арпад Штербик одново беше во главна улога со 14 одбрани. На спротивната страна, кај Барселона прв стрелец беше Валеро Ривера со осум гола. Перез де Варгас запиша 10 одбрани, а Борко Ристовски остана на клупата на шпанскиот тим.

Во следното коло од А групата во Лигата на шампионите, Вардар на 4 ноември му гостува на Кристијанштад.

Се вчитува...