„Вардарки“ внимателни: Да не се повторат ланските грешки против ФТЦ

Ракометарките на Вардар се подготвени за предизвикот што го носи новата сезона, во која „црвено-црните“ се надеваат дека по примерот на машкиот клуб конечно ќе успеат да се искачат на врвот на ракометна Европа. „Вардарки“ минатата сезона конечно ја минаа првата пречка на Ф4 турнирите, но во големото финале по огромна битка загубија од Ѓер. Тоа е само мотив плус за нив во сезоната што претстои да прикажат уште подобра игра и да стигнат до европската ракометна круна.

Ова е петта сезона во Лигата на шампионите, се надеваме дека и по петти пат ќе играме на завршниот турнир во Будимпешта. Се надеваме дека повторно ќе ја нападнеме титулата бидејќи костурот на тимот е задржан, а доведовме и неколку нови ракометарки. Исто така, во стручниот дел ни се приклучи Парондо, од кого очекуваме да придонесе во анализата и подготовката на натпреварите“, истакна претседателот на клубот, Гордана Нацева.

Интересно, македонскиот првак исто како и лани премиерниот натпревар од новата сезона ќе го игра на домашен терен против ФТЦ Будимпешта. Минатата сезона Унгарките изненадија освојувајќи бод (29-29), но „вардарки“ се решени овојпат да не дозволат никакво изненадување.

ФТЦ е сериозен противник, го памтиме ланскиот дуел и ремито во Скопје. Знаеме дека ќе биде тешко, свесни сме дека досега почетоците секогаш биле најпроблематични за нас. Верувам дека ќе бидеме добри, само да сме здрави. Ако имаме максимален пристап, без грешки во нападот нема да имаме проблеми. Ги повикувам сите навивачи да дојдат и да ни дадат поддршка, а ние ќе им возвратиме со победа“ – порача Јованка Радичевиќ.

Се вчитува...