Велковски: Бев изненаден кога дознав дека ќе бидам капитен на Вардар, тоа е огромна чест!

За прв пат откако е во Вардар, младинскиот репрезентативец Дарко Велковски ја понесе и капитенската лента на „црвено-црните“.

Стручниот штаб му ја додели таа улога на натпреварот со Работнички до влегувањето во игра на Глигоров во 60. минута…

„И покрај тоа што имаше поискусни од мене на теренот, сепак, стручниот штаб непосредно пред мечот ми соопшти дека јас ќе бидам капитен на тимот. Бев пријатно изненаден од оваа одлука, но ја прифатив одговорноста. Кога си капитен на екипа која што има најмногу титули, таква голема историја каква што има Вардар, тогаш таа улога има специфична и голема тежина. Сепак, чест ми е што ми беше доделена оваа улога и се надевам дека добро ја исполнив. Голема одговорност е да се биде капитен на Вардар, но во исто време и чест“ – вели 22-годишниот Велковски во изјава за официјалната интернет страница на клубот.

Велковски стана четвртиот капитен сезонава за Вардар на официјалните натпревари, откако претходно капитенската лента покрај Бобан Грнчаров, ја носеа уште и Никола Глигоров и Дејан Блажевски.

Се вчитува...