Веслањето се враќа во Охрид: Вредна донација од Швајцарија, формиран веслачкиот клуб Горица Ремо (ФОТО)

Веслањето, како олимписки спорт, повторно се враќа во Охрид. На 90-годишнината од почетокот на веслањето како спорт на Охридското езеро, група ентузијасти го возобновија веслањето со формирање на Веслачкиот клуб Горица Ремо со седиште на плажата Горица 1, која веќе прераснува во своевидна база на водните спортови во градот. Покрај едрењето и кајакот, плажата Горица 1 во Охрид, сега добива и веслачки клуб за враќање на спортот кој и тоа како е сериозна традиција на Охридското езеро.

Со формирањето на клубот вчера промовирана и донацијата која пристигна од клубот Биел од Швајцарија, кои обезбедија вредна донација од 6 кајаци со соодветна опрема, која вчера беше предадена на градот и клубот Горица Ремо. Најзаслужна за донацијата е Швајцарката Ерика Масина, а сето тоа поради вљубеноста во Охрид откако пристигнала тука првпат во 2005 година. Донацијата е вредна околу 20.000 евра, доаѓа во вистински момент и ќе придонесе за развој на водните спортови, кои во минатото беа трофејни со исклучителни резултати во некогашна Југославија и во меѓународни рамки.

„Во Охрид до сега ниту еден клуб немал ваква опрема и се надевам дека тоа ќе овозможи во наредниот период со соодветни подготовки да добиеме можеби и олимпиец од ова поднебје во веслачките дисциплини. Охрид е место каде водените спортови се во генетскиот код на луѓето и се блиски до нив, а со соодветна опрема верувам дека ќе можеме да покажеме и врвни резултати на светско ниво“ – истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Ова е прва донација за ВК Горица од пријателскиот клуб од Швајцарија, а за септември е најавена уште една кога група од 20 членови од клубот од Биел ќе пристигнат во Охрид заедно со втора донација. Тие една недела ќе тренираат и веслаат заедно со членовите на ВК Горица.

Во знак на благодарност ВК Горица Ремо на Општина Охрид и донаторите од Швајцарија им додели пригодни Плакати за придонес во развој на спортот и возобнување на веслањето. На настанот присуствуваа поранешни веслачи и спортски ветерани кои изразија задоволство што повторно се создаваат услови за развој на некогаш успешниот спорт.

 

Во моментов течат и уписите во Веслачкиот клуб Горица Ремо каде искусни веслачи ќе го пренесуваат знаењето на младите генерации.
ФОТО: www.ohridnews.com (А. Момироска)

Се вчитува...