Видал пак се повреди, мора на операција

Артуро Видал дефинитивно нема среќа со повредите оваа сезона откако на самиот камбек на тренинзите на Баерн Минхен чилеанскиот ас повторно се пожали на болка, па ќе мора уште извесно време да отсуствува од терените.

Баварците со нетрпение го очекуваа камбекот на Чилеанецот со надеж дека тој ќе биде „фит“ за претстојниот двомеч од полуфиналето на ЛШ против Реал Мадрид. Сепак, само триесетина минути од почетокот на тренингот Видал остана да лежи, жалејќи се на силна болка во коленото. Тој веднаш се упати кон соблекувалната, а потоа и кон клиниката каде врз него беа извршени детални прегледи. За жал, тие покажаа проблем со коленото што мора да биде саниран со хируршки зафат, па јасно е дека тој нема да може да настапи на дуелите со Реал Мадрид во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Лесно може да се случи Видал повеќе да не настапи на ниту еден натпревар во дресот на Баерн, со оглед на се погласните најави дека Чилеанецот инсистира на заминување од Минхен и враќање во Италија, каде Интер и Милан се заинтересирани за неговите услуги.

Се вчитува...