Поранешниот играч за врска на Челзи, Џон Оби Микел, е убеден дека бразилската ѕвезда Винисиус Жуниор нема да се пресели во Арсенал, и покрај шпекулациите кои се појавија во изминатиот период.
Во моментов Винисиус води преговори со Реал Мадрид за продолжување на договорот, а според Оби Микел, интересот од Арсенал само му служи како средство за да обезбеди подобри финансиски услови.
„Тој нема да дојде! Заборавете на тоа. Само го користи Арсенал за да добие подобар договор во Реал Мадрид. Сто проценти сум сигурен дека нема да го напушти Реал“, изјави поранешниот нигериски репрезентативец.
Оби Микел нагласи дека иако Арсенал е еден од најголемите англиски клубови, Реал Мадрид е на сосема поинакво ниво.
„Зошто би го напуштил Реал Мадрид? Арсенал е голем клуб, тоа никој не може да го негира, но Реал Мадрид е сосема друга приказна. Мислам дека преговорите за нов договор траат веќе долго време“, рече Оби Микел во својот подкаст „The Obi One Podcast“.
Во последните недели сè почесто се шпекулира за иднината на Винисиус, но засега нема официјална потврда дека Бразилецот размислува за заминување од „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
