ВИСТИНАТА ЗА ФК ВАРДАР (2): Кој не сакаше Вардар да игра во Втора лига? Ѓоко Хаџиевски беше договорен, но…

Вардар првпат во својата историја од следната сезона ќе игра во Втората македонска фудбалска лига. Првпат, само поради онаа фамозна фузија со ФК Миравци која и денеска го прати. А, како дојде ФК Вардар денес, точно на денот кога се случуваа чудни работи пред 10 години, да стравува и за својот опстанок како клуб, низ три изданија преку сведоштвото на доајенот на македонското новинарство и претседател на клубот во моментите кога испадна од Првата лига во сезоната 2010/2011 – Атанас Костовски.

ВЧЕРА: ВИСТИНАТА ЗА ФК ВАРДАР (1): На денешен ден пред 10 години… Три судски рочишта во ист ден кои ја решија судбината на Вардар!?

Пишува: Атанас Костовски

При крајот на 2010 година, конечно адвокатот Емил Османов соопшти дека правдата е бавна, но еден ден се ќе излезе на виделина!

Основниот суд Скопје 2 – Скопје како првостепен парничен суд преку судијата Тања Камчева како претседател на советот, со судиите поротници Парушка Георгиевска и Весна Стефановска, како членови на советот, постапувајќи по правната работа на тужителот ДПТУ Спорт- СВ и Атанас Костовски од Скопје, против тужениот ФК Вардар, за поништување на одлука, односно го признава  правото на 26-те делегати на Спорт СВ и се утврдува ништавност на сите решенија на Собранието на клубот од  14. март 2008  година и сите потоа донесени.  Од 25. октоври ФК Вардар е известен дека одлуката е извршна, значи Собранието се враќа кај финансиерот, а во Централниот регистар повторно е запошан Атанас Костовски за претседател на клубот!

За две години што се случи со ФК Вардар и како се затекнува клубот. Читајте внимателно:

Екипата е на 11. место, и претстои борба за опстанок и бараж! Во клубот има само 7 професионални фудбалери, ниту еден стипендист! Првотимците тренираат во Ѓорче Петров, се користи соблекувалната на Северна трибина само за натпревари, младинците користат некоја просторија под истата трибина, нема вода! Неисплатени казни за црвени и  жолти картони! Најпрвин требаше да се исплатаат казните по одлука на дисциплинската комисија на ФФМ (153.750,оо) и за непочитување на дисциплинските одлуку во висина од 2.500 евра. Допрва арбитражната комисија требаше да пресуди за долговите кон фудбалерите и тренерите…

СЕ ДОГОВОРЕНО СО ХАЏИЕВСКИ ДА ГО ВОДИ КЛУБОТ НИЗ ВТОРА ЛИГА И ДА ИЗГРАДИ СИЛЕН КОЛЕКТИВ, НО…

Иако екипата имаше и зимски подготови во Макарска, по многумина и солиден состав, но крајот на пролетната сезона беше поразителен – ФК Вардар го загуби прволигашкиот статус, и за првпат ќе игра меѓу македонските второлигаши! Многумина беа разочарани, финансиерот Слободан Вујчиќ-Брацо веќе мислеше на новиот Вардар. Сигурен сега покрај финансирањето дека и ќе управува со клубот, не губеше време. Со вардаровиот трофеен тренер и еден од најдобрите македонски фудбалски стручнаци Ѓоко Хаџиевски се договорија да почнат од почеток! Низ  натпреварите во второлигашката конкуренција да селектира тим (со фудбалери од Македонија и странство) кој секогаш ќе се бори за двојната титула во мак-фудбалот и долго да игра на европската сцена! Си подадовме рака, лично за мене Ѓоко секогаш беше бр.1 за селектор или тренер на Вардар.

Но, споменатата судска одлука со кое ФК Вардар се враќа на состојбата од 14. март 2008 годиа ја обжалува СД Мондијал од Скопје преку адвокатот Сашо Тасевски. На 2. јуни е закажана првата расправа, но претставникот на СД Мондијал и адвокатот Сашо Тасевски не се појавуваат во судницата. Судијката Тања Камчева ја презакажува расправата за 30. јуни 2011 година, иако, рече, зачудена е зошто тие што бараат правда не дојдоа во судницата. СД Мондијал се појави како колективен  член на Собранието (Б. Ристевски, Ј. Камчев).

На 5. јуни 2001, веќе прочитавте, се одржаа Парламентарни избори по кои се остана по старо! На 13. јуни 2001 година, вон судска расправа, судијката носи три одлуки:

  1. Ја отповикува веќе закажаната расправа за 30. јуни 2011 година,
  2. Ја прифаќа улогата на замешувачот во спорот (СД Мондијал) во спорот со ФК Вардар,
  3. Ја поништува првосилноста на одлуката за враќање на состојба од 15. март 2008 година.

14. јуни 2011 година – Во Централниот регистар на РМ е впишана промената, Милован Мајсторовиќ е избран за в.д. претседател. 15 јуни 2001 одржано е Собрание на ФК Вардар, за претседател е избран Зоран Шишковски, раководител на одделението за спорт на град Скопје. Официјално значи Град Скопје го презема управувањето и финансирањето на ФК Вардар.

17. јуни 2011 година – Во Центарлниот регистар на РМ за претседател на ФК Вардар е впишан Зоран Шишковски.

ОПЕРАЦИЈАТА „ВАРДАР – МИРАВЦИ“

21. јуни 2011 година – Одржано е основачко собрание на ФК Вардар 2011 (Здружение на граѓани од Скопје, седиште Илинденска бб-оштина Центар)- Претседател: Николче Златевски, Основачи: Катица Божијанова, Розе Сталевска, Ивица Сековски, Дејан Андриевски.

21. јуни 2011 – Основачко собрание на ФК Миравци 2011 (Здружение на граѓани од с. Миравци, седиште с. Миравци, општина Гевгелија. За претседател е избран Васил Штерјов, основачи се Славчо Минчев, Славчо Панајотов, Митко Димитров, Лазар Николов.

22. јуни 2011 година –  Во централниот регистар на РМ нови впишувања, ФК Вардар 2011 претседател Николче Златевски. Истиот ден е впишан и клубот Миравци 2011 со претседател Васил Штерјов. ФК Вардар 2011 и ФК Миравци 2011 (клубови на хартија) донесувааат акт за спојување, се формира ФК Вардар 1947 со седиште на Илинденска бб, претседател Зоран Шишковски.

Операцијата за спојување завршува и новиот клуб ФК Вардар 1947 ќе игра во Првата лига наместо ФК Миравци! Убаво е да се знае кои се имињата кои на некој начин „аминуваа“ за операцијата Миравци-Вардар. Потсетување, во тоа време претседател на РМ беше Ѓорѓе Иванов, Премиер – Никола Груевски, Министер за правда – Михајло Маневски, претседател на Врховен суд – Јово Вангеловски, градоначалник на Скопје – Коце Трајановски, претседател на Фудбалската федерација на Македонија – Харалампие Хаџи-Ристески.

Сега прочитајте внимателно што пишуваше во тогаш актуелен правилник за натпреварување на ФФМ. Членот 61 гласи: „Спојување на клубови се врши на заедничка Конференција на заинтересираните клубови кои претходно на одделни Конференции се изјасниле за спојување. Спојувањето на клубовите може да се  изврши најдоцна триесеет денови пред почетокот на натпреварувачката година. Спојување на клубовите може да се врши само на клубови од иста општина и во град Скопје на клубови од скопските општини, во исклучителни случаеви кои се во интерес на фудбалот, врз основа на поднесено барање до УО за фузија, Управниот одбор може да одлучи“.

На 23. јуни 2011 година Миравци стана општина во градот Скопје!!!!!???

Одлуката за спојување прецизира (член 3)- ФК Вардар 1947 го задржува правото на натпреварување на досегашниот клуб Миравци во Првата македонска фудбалска лига и ги превзема неговите права и обврски за што се задолжуваат претседателите на клубовите што се спојуваат да склучат спогодба. Потоа (член 4) ФК Вардар 1947 го признава и потврдува правниот и спортскиот континуитет на ФК Миравци 1951 како субјект со традиција од 1951 гпдина. Се задолжува претседателот на ФК Миравци 1951 да склучи договор со Вардар 1947 во кој ќе се регулираат правата и обврските.

– 27. јуни 2011 година – Централниот регистар на РМ го впишува ФК Вардар 1947 со 10 сопственици, претседател Зоран Шишковски.

– 30 јуни 2011 година – Денот кога судијката Тања Камчева требаше да отвори расправа за тужбата на СД Мундијал, во Централниот регистар на РМ (документ (30120110045276) со пречистен текст на Статутот на клубот од 29 јуни 2011 се впишува: Целосен назив на субјектот на упис гласи: Фудбалски клуб Вардар Скопје, кратко име ФК Вардар Скопје.

Редам само факти, да не се заборави како некогаш се решаваа проблемите во нашата држава.

Така ФК Вардар беше „киднапиран“ во само еден ден со три судски рочишта, и оптоварен понатака со вечната „опашка“ – Миравци!

УТРЕ: Зарем нема во Македонија стопанственици кои вистински сакаат да инвестираат во ФК Вардар!?

Се вчитува...