Владата ги избриша долговите кон АДССДП, Вардар доби итни 100.000 евра, фудбалерите утре на тренинг

Вардаровите фудбалери утре се очекува да ги почнат тренинзите за стартот на пролетниот дел од сезоната, откако денеска и официјално се отвори најавениот простор за финансиска мини-консолидација на „црвено-црните“.

Владата денеска донесе одлука за бришење на каматите кои Вардар ги должи кон АДССДП во висина од 60.000 евра, а како што претходно објавивме веќе на сметката на клубот итно се префрлени 100.000 евра. кои треба да означат и почеток на подготовките. Тие средства ќе бидат искористени за подмирување на дел од долговите кон фудбалерите кои утре под водство на Никола Илиевски – Џиџи треба да ги почнат подготовките. Иако, се уште се бара место за тренинг поради одлуката на Сергеј Самсоненко и досегашното негово раководство да не дозволи користење на терените, ниту во Хиподром ниту на Академијата во Градски парк!!? Па, најверојатно фудбалерите ќе тренираат на теренот на второлигашот Кадино.

Согласно и претходните најави, Вардар за пролетниот дел од сезоната ќе има на располагање 330.000 евра за стабилно доигрување на сезоната и изборување опстанок во елитното друштво.

Актуелната акција значи само дополнително купување време за стабилизација на состојбата во најтрофејниот македонски клуб. Како што претходно објави ЕКИПА, во меѓувреме, течат и преговори на највисоко државно ниво за влез на катарски инвеститор во ФК Вардар, согласно и предвидени инвестиции во земјава, кои треба да бидат заокружени во следните месеци.

Се вчитува...