Владата очекува организаторот да плати за штетата во МНТ што ја направија Шверцери

Владата на Република Македонија се дистанцира од настанот на кој имаше дивеење на навивачите на Шкупи, Шверцери во Македонскиот народен театар. Од владата спорните случувања не треба да бидат поврзувани со прославата на Денот на албанската азбука на која присуствуваше и премиерот, Зоран Заев.

„Владата го оценува несоодветното однесување како злоупотреба на гостопримството во Македонскиот народен театар, и истото најостро го осудува. Очигледно е дека организаторот на овој настан, како и иницијаторот тој да биде одржан во МНТ, не го подготвиле и организирале настанот согласно стандардите и очекувањата за манифестации што се организираат во национални културни установи од највисоко значење. Владата очекува организаторот и иницијатор на настанот да ја надомести направената штета во Националната установа Македонски народен театар и да се извини на граѓаните за несоодветното однесување“ – соопшти владата.

Од Министерството за култура па го осудуваат однесувањето на навивачите и потенцираат дека никој не ги информирал за присуството на навивачката група.

„Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настани, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група“ – соопштуваат од Министерството.

Се вчитува...