Владата пак (под)заборави: Дојде и Новата Година, но кога ќе дојдат ваучерите во спортот?

Завршија новогодишните празници, за некој ден ќе дојдат и ќе пројдат и оние божиќните, а потоа ќе се вратиме кон секојдневието и проблемите што ги носи истото. А кога станува збор за македонскиот спорт, тоа најчесто е беспарицата, на која сериозно и се заканува уште поголем замав поради пасивноста на одговорните лица во државата за обезбедување на неопходните средства за нормално функционирање на федерациите, клубовите и на самите спортисти.

За потсетување, законското решение за финансирање преку компании, од нивниот дел од данокот за добивка што треба да го пренасочат во „спортски ваучер“ беше избришано како опција за финансирање од 2023 година, но уште поголем проблем е фактот дека Владата се уште ја нема најдено новата формула според која ќе се пренасочуваат пари во овој дел од општеството. Најавите велеа дека спортскиот ваучер ќе биде покриен од државата, но најверојатно тоа нема да биде преку АМС, по скандалозната распределба на парите обелоденета од Антикорупциска, поради која „спортската државна институција“ беше цел на контроли и инспекции во последните месеци од 2022.

Минаа деновите, еве дојде и новата година, но се чини дека одговор на спортскиот проблем се уште нема. А опасноста е уште поголема ако се погледне кон минатото, кога оваа владеачка структура во 2018 година го остави спортот речиси пет месеци на цедило, укинувајќи го дотогашниот начин на финансирање и воведувајќи го ваучерот, кој од сегашна перспектива не се покажа како најдобро решение.

Неопходно е брзо да се реагира што поскоро и да се одлучи – кој ќе ги исплаќа парите и кога (на колку рати и во кои периоди од годината), но и колкава ќе биде сумата што ќе се распределува, по најавите дека би можело да дојде до ново намалување на вкупниот буџет во спортот.

Критериумите беа главен проблем во минатото, па еве и еден предлог на оваа тема – за клубови кои должат пари на играчи и тренери од минатата сезона – ваучерот да биде НУЛА. Не може криминогени директори и претседатели да земаат пари од буџет на држава за да „си играат клубови“, а потоа тој буџет да не го распределат на самите спортисти. Ако некој должи пари од мај, а во декември нема доказ дека ја исплатил целата претходна натпреварувачка сезона (завршно со мај или јуни, во зависност кога завршува истата), тогаш не само што не смее да добие ниту денар во новата година, туку и треба да одговара пред законот за несовесно работење со државни пари.

Дупки во стариот закон имаше многу, што бизнисмените „за процент“ умешно ги користеа, но истото го правеа и газдите на клубовите. Но, Владата не смееше да го укине првиот закон ако не е целосно подготвен оној вториот, што треба да биде долгорочно решение. Затоа што еднаш веќе тоа го стори, и предизвика речиси целосна „парализа“ во македонскиот спорт. Затоа што, неизбришлив е фактот, за жал, дека главен финансиер на македонскиот спорт е, и останува, државата!

Се вчитува...