Владимир Мирковски се врати во Куманово

Владимир Мирковски е нов тренер на кошаркарскиот клуб Куманово откако раководството на клубот се одлучи да му врачи отказ на Игор Ѓорѓиевски по катастрофалните резултати проследени со шест порази во македонското првенство, односно осум порази едно по друго заедно со БИБЛ лигата.

Мирковски и на почетокот на претходната сезона беше дел од „сино-белите“, но одлучи да замине од северот на Македонија и влезе во прокетот ИБА, клуб кој оваа година се натпреварува во Третата лига. Пред Куманово младиот стратег во домашното првенство беше дел и од Академија ФМП и МЗТ Скопје.

Куманово во новата сезона влезе со големи амбиции, но наместо излез во Еврокупот на ФИБА се соочи со финансиска криза. Неисплатените плати кон своите кошаркари резултираа со две тужби до арбитражниот суд БАТ од Ѓорѓе Каплановиќ и Петар Николиќ, а незавидна ситуација се најде и американското засилување Роб Луис кој беше исклучен од тимот и не доби карта за враќање во САД.

Притоа на клубот му се заканува и исклучување од БИБЛ лигата поради неисполнување на домаќинските услови во однос на Галил Ејлон, а поради тоа беше одложен и мечот со Левски. Со смената на тренерското место се очекува и стабилизација на клубот и нови засилувања, но дали „сино-белите“ ќе успеат да ги подмират долговите и се вратат на нозе останува да видиме.

Се вчитува...