Во Битола и во Кратово се решава за местата во Лига Европа!?

Во директни меѓусебни пресметки, Пелистер, Работнички, Силекс и Ренова денеска во 32. коло од Првата македонска фудбалска лига на дуелите во Битола и во Кратово дефинитивно може да дадат одговор на прашањето околу местата за Лигата на Европа.

Силекс во Кратово ќе биде домаќин на Работнички носен од желбата со триумф да се стигне на само четири бода од „романтичарите“ и израмнување со во моментов четвртопласираниот Пелистер.

„Носам само убави спомени од времето како тренер во Работнички. Но, јас сум професионалец и сега единствено сум фокусиран на мојата работа во Силекс и желбата на секој натпревар да се победува. Имавме навистина напорен период, со густ распоред натпревари, но сега мора да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваната цел. Знаеме дека играме со навистина квалитетен тим кого максимално го респектираме со одличен тренер на клупата. Но, за нас во мислите единствено се трите бода со кои ќе се доближиме до конкурентите за местата кои водат во Европа“ – вели стратегот на Силекс, Жикица Тасевски.

Но, свои математики секако имаат и во таборот на Работнички…

„Првенството е во завршница, интересно е и во трката за излез во Европа, и за опстанок. Секој нов меч е нов предизвик, а ние сме фокусирани на неделното гостување во Кратово. Силекс е квалитетен тим, посебно добро игра на домашен терен, а има одличен стратег на кормилото. Но, Работнички е подготвен и верувам дека ќе одиграме добар меч, дека ќе успееме да ја оствариме нашата цел. Имаме одредени проблеми со тимот, има повредени фудбалери, но верувам дека фудбалерите кои ќе добијат шанса ќе ја искористат на најдобар начин“ истакнува шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски.

Во Битола, пак, Пелистер ќе атакува на триумф против Ренова со што во многу нешта ќе разреши одредени дилеми. Но, Ренова игра во извонредна форма изминатиов месец. На шест едноподруго натпревари не знае за пораз, запишувајќи четири победи и две ремија. Сега „гипсарите“ се решени да ја продолжат низата без пораз и во последните четири кола од шампионатот да дојдат третата или четвртата позиција на табелата.

ДВОЈКИ – 32. КОЛО (денеска, 16:30 ч.)

Скопје: ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП

Битола: ПЕЛИСТЕР – РЕНОВА

Кратово: СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – ПОБЕДА

Тетово: ШКЕНДИЈА – БРЕГАЛНИЦА

Се вчитува...