Во конкуренција 15 решенија за новата сала “Градски парк”

Заврши конкурсот за избор на идејно решение за повеќенаменска спортска сала “Градски Парк“, кој го распиша Oпштина Центар.

По барање на архитектите, рокот беше продолжен и конкурсот траеше 60 дена. Пристигнати се 15 трудови, а жири комисијата во состав: професор од архитектонски факултет, член на асоцијацијата на архитекти и тројца вработени во Центар, деновиве ќе ги оценуваат трудовите и јавноста ќе биде транспарентно известена. По ова, Општина Центар ќе организира изложба на наградените.

Добитникот на првата награда за избрано наградно решение ќе добие 300.000 денари, второнаграденото дело 180.000 денари, а третонаградениот 120.000 денари.Комисијата ќе ги цени трудовите според однапред утврдени критериуми: оригиналност, креативност, инвентивност, функционалност, естетика. Општина Центар ќе гради повеќенаменска спортска сала со капацитет до 3000 седишта, што ќе ги задоволи меѓународните стандарди за современо спортување на европско и светско ниво.

Ова е трет проект од ваков тип со кој се бираат најдобрите трудови и се мотивираат архитектите. Досега транспарентно, на конкурс, се избрани најдобрите трудови за новото основно училиште во Капиштец и за објектот “Езерце“.

Се вчитува...