Во Ливерпул бесни на Суарез: Ја „гризна“ раката која некогаш те хранеше

Пред Ливерпул е речиси невозможна мисија да се пласира во финалето од Лигата на шампионите по поразот од 3-0 во првата полуфинална пресметка од Барселона.

Големо внимание, покрај Меси, синоќа привлече и Луис Суарез кој во текот на натпреварот константно ги провоцираше противничките фудбалери, притоа и жестоко прославувајќи го голот кој го постигна за 1-0.

Тоа и тоа како ги разочара навивачите од „Енфилд“ кои досега имаа огромна почит за човекот кој три години го носеше нивниот дрес. Но, од синоќа, како што велат, се нема повеќе почит…

„Секогаш го почитував, но сето тоа исчезна откако видов како провоцира во текот на целиот натпревар. А како само го прослави голот, како да игра против најомразениот клуб. Изненаден сум затоа што знам колку го почитуваат во Ливерпул и од клубот и навивачите“ – напиша еден навивач на Ливерпул.

„Со својот однос на теренот Суарез ја ‘гризна’ раката која некогаш го хранеше. Нечовек“ – е коментарот на поголемиот дел фанови на „црвените“.

Суарез член на Ливерпул беше од 2011 година каде пристигна од Ајакс за нешто повеќе од 26 милиони евра. И веднаш стана миленик на навивачите. „Енфилд“ по три години го напушти со 82 постигнати погодоци во 133 одиграни натпревари.

Се вчитува...