Капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, е задоволен од добиените противници во главните квалификации за СП 2023. „Црвено-жолтите“ денеска за ривали во овие квалификации ги добија Шпанија, Грузија и Украина, со што имаат сосема реални шанси за пласман во следнат рунда, каде ќе се најдат трите најдобри репрезентации од групата.
Според Војдан, Македонија може да игра со сите ривали, но најважно сепак ќе биде нашиот национален тим да биде комплетиран за да може да одигра најдобро што знае и умее.
„Реално гледано добивме одлична група во која можеме да играме со сите противници. На хартија Шпанија е најголем фаворит поради огромното реноме, но оваа селекција е многу послаба кога ќе ги нема сите асови од НБА-лигата, како и кошаркарите на Барселона, Реал Мадрид… Сигурно се фаворити, но не се толку застрашувачки состав како кога би биле комплетни. Грузија најверојатно ќе биде без Шенгелија, со што веднаш е значително ослабена. Украина најверојатно ќе биде комплетна бидејќи клучните играчки им се вратија во украинското првенство, станува збор за сериозна селекција, но не се толку силни како пред 3-4 години. Групата е одлична, но сепак се ќе зависи од нас, од составот со кој ќе излеземе на терен и она што ќе го покажеме во овие квалификации“, изјави Војдан Стојановски за ЕКИПА.
Тој се уште се рехабилитира од тешката повреда на коленото заработена во текот на минатата сезона, па се уште не е сигурно дали ќе може да му помогне на националниот тим на почетокот од овие квалификации во ноември.
„Се чувствувам се подобро, почнав и со трчање. Се уште е рано да се дава конкретен датум, некои лекарски прогнози се дека во ноември или најдоцна декември би можел да почнам со натпревари, но одиме чекор по чекор. Најважно е целосно да биде санирана повредата по хируршкиот зафат“, истакнува македонскиот капитен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА