Ривалството помеѓу Реал Мадрид и Барселона од фудбалските терени ќе се пресели во судските сали.
Имено, претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез и претставници на Барселона се повикани на обид за смирување на 25 ноември поради изјавите на првиот човек на „кралевите“ поврзани со случајот „Негреира“.
Доколку смирувањето не успее, од Барселона најавуваат дека ќе поднесат тужба за клевета против Перез.
Од Барселона бараат Перез да ги повлече изјавите кои ги сметаат за штетни за каталонскиот тим, а кои првиот човек на Реал Мадрид ги кажа на прес-конференцијата која ја одржа на 12 мај.
Тогаш, Перез зборуваше за случајот „Негреира“ и ја обвини Барселона дека му украла седум титули во Ла Лига.
„Освоив седум титули во Лигата на шампионите и седум титули во Ла Лига, а можеше да бидат и 14 бидејќи ми украдоа седум. Членовите на Реал Мадрид се со мене во борбата против Негреира. Не е оштетен само Реал, туку и останатите клубови“, зборуваше тогаш Перез.
По овие зборови на Перез, правниот тим на Барселона ги анализираше ситуацијата и изјавите и во јуни покрена постапка за смирување.
Целта на Барселона е Перез да го повлече искажаните зборови, и доколку тоа не го стори, правниот тим на Каталонците ќе поднесе тужба во судот во Мадрид.
Претседателот на Реал Мадрид го опиша случајот Негреира како најголем корупциски скандал во историјата на фудбалот и најави дека неговиот клуб подготвува досие за УЕФА.
Потоа во јуни годинава, Реал Мадрид побара од УЕФА повторно отворање на дисциплинска постапка против Барселона притоа тврдејќи дека има нови докази за уплатите од страна на каталонскиот тим кон поранешниот прв човек на судиската комисија на Ла Лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
